Како родителите да му помогнат на детето да се адаптира во градинка

Другарување со свои врсници на детето му е потребно уште во првите години во својот живот. Без разлика колку родителите се обидуваат да играат со своето дете, тие секогаш ќе бидат само мама и тато, возрасни луѓе , и неможат да ги заменат другарувањата со другарчињата.

Градинката освен едукација преку забава и игри, има уште една важна улога, тоа е социјализација. Се верува дека за детето од суштинско значење е да се стекне со социјални вештини пред да тргне на училиште. Затоа, со запишување на детето во градинка, тоа ќе биде во можност да се научи на споделување на играчки, тимска работа, да учи да помага, да го зголеми фондот на зборови и уште многу други бенефиции.

Сепак, секое дете треба да помине низ една фаза, на почетокот од тргнување во градинка, а тоа е фазата на адаптација. Адаптација е процес во тек на кој детето се прилагодува на новиот простор, на луѓето, децата и ритамот на живот во градинка. Детето треба да ги прифати учителките и новите другарчиња.

Затоа пред поаѓање во градинка објаснете и зборувајте му следејќи ги следните чекори:

  • - градинката е место каде што има многу деца и играчки
  • - учителките во градинката се прекрасни, знаат многу интересни игри и секогаш се насмеани и расположени за гушкање
  • - раскажувајте му што може да прави таму
  • - раскажувајте му за вашата градинка кога бевте вие дете, за тоа колку ги сакавте учителките и другарчињата од градинка
  • - цртајте заедно како ја доживувате градинката, цртајте ги новите другарчиња, нацртајте цртеж за учителката
  • - дозволете му на детето во градинка да носи некоја драга играчка или предмет кој му дава сигурност (шишенце, ќебенце, мече)
  • - никогаш не плашете го детето со градинката (пр. ако бидеш лош/а ќе одиш во градинка)

Совет : Добро е со детето да се прошетате до градинката, да ги разгледа новите играчки и книги, да ги гледате децата како играат во дворот и ако посака да им се придружите. 

Децата  многу добро ги чувствуваат емоциите на родителите. Затоа е важно родителите да бидат сигурни во својата одлука, да го носат детето во градинка и да имаат позитивен став околу тоа. Доколку детето почувствува дека родителот е несигурен и тажен, такво ќе биде и тоа.

Некои деца имаат предиспозиции за потешко прилагодување. Тоа се децата кои се повлечени и срамежливи. Разделбата тешко ја поднесуваат и децата кои се презаштитени,  или  децата кои за прв пат се одделуваат од родителите.

По одредено време, кога детето ќе се прилагоди, градинката ќе стане место во кое детето ќе доаѓа радосно и каде времето ќе му поминува во игра со врсниците и новите другарчиња.